Студиската програма по Продукција е четиригодишна академска програма (осум семестри), развиена согласно Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС), чија примарна цел е образованието на високо стручни кадри во областа на продукцијата на изведувачките и аудиовизуелните уметности.
Програмата обезбедува сеопфатно познавање на креативниот и институционалниот контекст на продукцијата, со акцент на менаџмент, организација и реализација на уметнички проекти во сферата на театарот, филмот и телевизијата. Се изучуваат основите на проектниот менаџмент, продукциски процеси, комуникациски стратегии и економските и правните аспекти на продукцијата.
Наставната програма опфаќа:
- Теорија и практика на продукција во театар и медиуми;
- Организација на продукциски процес;
- Финансиско планирање, буџетирање и управување со ресурси;
- Културни политики и институционални структури;
- Основи од сродни уметнички дисциплини (режија, драматургија, монтажа);
Едукативниот пристап комбинира предавања, семинарски работи, практични вежби и тимска работа во рамките на студентската продукција, со цел развој на компетенции за самостојно водење и координација на уметнички и медиумски проекти.
По завршување на програмата, студентите се стекнуваат со звање Дипломиран продуцент, квалификувани за ангажман во јавни и приватни институции, независни продукции, медиумски куќи, фестивали и културни организации од национален и меѓународен карактер.